ДЕМОКРАТИЈАТА ПОБЕДУВА Македонците не ги продаваат своите убедувања ни за пари
Истражување спроведено во шест европски држави открива висока отпорност на граѓаните кон политичко поткупување

Осум од десет граѓани во Македонија не би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања, покажуваат резултатите од европскиот истражувачки проект ENCODE, презентирани денеска во Скопје на настан организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС).
Истражувањето било спроведено во шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Северна Македонија, а опфатило 4.550 испитаници. Од нив, 581 биле од Македонија и биле анкетирани во октомври 2025 година, непосредно пред локалните избори.
Резултатите покажуваат дека 80 проценти од македонските испитаници одбиле да потпишат петиција што е во спротивност со нивните политички ставови во замена за пари. Со тоа Македонија се рангира пред Италија, Австрија и Данска според отпорноста кон вакви влијанија.
Истражувањето открива и значителен јаз меѓу перцепцијата и реалноста. Испитаниците во просек сметале дека само половина од нивните сограѓани би одбиле ваква понуда, додека реалниот процент достигнува 80 отсто.
Во посебен експеримент поврзан со избирачкото право, 78 проценти од анкетираните не сакале ниту да разгледаат можност за паричен надомест во замена за негласање на избори.
Според истражувачите, поголем предизвик за демократијата претставува политичката рамнодушност отколку емоционалната вклученост. Анализата покажува дека граѓаните кои чувствуваат гнев, анксиозност или надеж се помалку подготвени да ги претворат своите демократски права во предмет на финансиска размена.
Од друга страна, анализата на политичката комуникација на социјалните мрежи открива загрижувачки трендови. Истражувањето на компанијата PredictBy, кое опфатило околу 120.000 објави и коментари на платформата X од Македонија, покажува дека 98 проценти од коментарите упатени кон политичари содржат елементи на говор на омраза, а кај 82 проценти е регистриран гнев.
Податоците укажуваат дека ваквата токсична комуникација не е ограничена само на изборни кампањи, туку е присутна во текот на целата година во македонскиот онлајн политички простор.
Во рамки на проектот биле анализирани повеќе од 2,17 милиони објави во шесте земји опфатени со истражувањето. Заклучокот е дека содржините што предизвикуваат страв и анксиозност создаваат најголем ангажман кај публиката, додека позитивните и конструктивни пораки обезбедуваат постабилен и подолгорочен досег.
