МЛАДИТЕ ЈА ОСВОЈУВААТ СЦЕНАТА Концерт што ветува музички спектакл во Скопје

Младите музички таленти од повеќе градови настапуваат под диригентската палка на Бисера Чадловска.

МЛАДИТЕ ЈА ОСВОЈУВААТ СЦЕНАТА Концерт што ветува музички спектакл во Скопје
Фото: Принтскрин

Традиционалниот концерт на учениците од државните музички училишта во Македонија, насловен „Младите доаѓаат“, ќе се одржи во четврток во 20:00 часот.

Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, на сцената ќе настапат млади музички таленти од повеќе градови и училишта. Меѓу нив се Софија Михајловска и Јане Петровски од ДМУ Битола (пијано), Ива Амелија Микулчиќ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје (пијано), Јана Јованова од ДМУЦ Штип (пијано), како и Ева Малиновска и Ада Богоевска (виолончело), Јована Јанкуловска и Деница Дена Симјаноска (соло пеење), Александар Ицковски (виолончело), Матеј Зимбаков (контрабас) и двајцата саксофонисти Леонид Ржаникоски и Стефан Трајановски.

Програмата опфаќа дела од Моцарт, Хајдн, Роули, Бернштајн, Елгар, Крепен, Капуци и Итуралде, нудејќи разновиден музички репертоар кој ги обединува класичната традиција и современиот израз.

Маестра Бисера Чадловска е истакната диригентка со силно присуство на македонската музичка сцена. Родена е во Скопје во 1978 година, каде го започнува своето музичко образование и го гради својот уметнички пат.

Во 2001 година дипломира оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Фимчо Муратовски, по што ги продолжува постдипломските студии по симфониско и оперско диригирање на Државната музичка академија во Софија.

Својата професионална кариера ја започнува во Македонската опера и балет како хор-мајстор, каде брзо се истакнува со музикалност, дисциплина и сценска сигурност. Подоцна станува асистент диригент и учествува во подготовката на бројни оперски продукции и премиери на сцената на МОБ.

CATEGORIES
Share This