НЕМА ЗАДРЖУВАЊА НА ГРАНИЦИТЕ Суви коловози и умерен сообраќај низ државата
Возачите се предупредуваат на внимателно управување на делниците каде има можност од појава на одрони.

Денеска (25.03) сообраќајот на државните патишта низ државата се одвива без поголеми пречки и по суви коловози, информираат од Авто Мото Сојуз на Македонија. Интензитетот на сообраќај надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците каде е можна појава на одрони. Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, потсетуваат дека од 15 април повторно е отворен за сообраќај патниот правец Охрид – Ресен преку Национален парк Галичица, и тоа за сите видови возила до 3,5 тона.
