8 МИЛИОНИ ЕВРА И МОЛК Кој се плаши од архивата на Артан Груби, прашува ВРЕДИ
Од партијата тврдат дека случајот „Државна лотарија“ тежок 8 милиони евра намерно се развлекува, додека јавноста чека одговори.

Случајот со Артан Груби продолжува да предизвикува сомнежи и реакции во јавноста, додека институциите сè уште немаат конечен епилог. Од коалицијата ВРЕДИ обвинуваат дека процесот намерно се одолговлекува, посочувајќи дека поранешниот висок функционер на ДУИ поседува информации за клучни политички и бизнис-зделки од изминатите години.
Од партијата велат дека Груби, заедно со Перпарим Бајрами, се сомничи за злоупотреби тешки околу осум милиони евра во случајот „Државна лотарија“, кој го оценуваат како едно од најсериозните досиеја поврзани со владеењето на ДУИ. Според ВРЕДИ, станува збор за мрежа во која политиката, бизнисот и институциите биле ставени во функција на приватни интереси.
Во реакцијата се поставуваат и прашања околу улогата на јавниот обвинител Ислам Абази, при што се потсетува на наводно вработување на негова блиска роднина од страна на Груби, а потоа и нејзино префрлање во АЕК. Од ВРЕДИ сметаат дека јавноста има право да се сомнева дали постои систем на заштита и политичка недопирливост.
„Случајот ‘Груби’ не смее да заврши во фиока и да стане предмет на политички пазарења. Секое одолговлекување на правдата ја руши довербата на граѓаните и го компромитира европскиот пат на државата“, порачаа од ВРЕДИ.
