ГОЛЕМА ПРОГРАМА ВО ОХРИД ЗА 24 МАЈ Еве што се подготвува

Охрид како продолжение на кирилометодиевското духовно наследство.

ГОЛЕМА ПРОГРАМА ВО ОХРИД ЗА 24 МАЈ Еве што се подготвува
Фото: Принтскрин

Охрид и годинава со богата културно-свечена програма го одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.

Од локалната самоуправа информираат дека со низа настани ќе се оддаде почит на нивното големо дело и трајниот придонес кон словенската писменост, култура и духовност. Граѓаните се поканети да присуствуваат и заеднички да го одбележат овој значаен празник.

Програмата продолжува денеска во 10:30 часот во Конгресниот центар во Охрид, каде ќе се одржи научна конференција на тема „Континуитетот на кирилометодиевската традиција, изразен во Охридската книжевна школа“. На настанот поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот д-р Кирил Пецаков и професорките Маја Јакимовска-Тошиќ, Наташа Аврамовска и Александар Василевски.

По конференцијата, од 11:00 часот ќе следи научна сесија на која ќе учествуваат повеќе истакнати професори и истражувачи, меѓу кои Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Александар Василевски, Наташа Аврамовска, Соња Стојменска-Елзесер, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ели Лучевска.

Светите браќа Кирил и Методиј, родум од Солун, потекнувале од угледно семејство. Методиј прво служел како офицер меѓу словенските племиња, а подоцна се замонашил. Заедно со Кирил биле испратени во мисија меѓу Хазарите, каде придонеле за ширење на христијанството.

Подоцна во Цариград ја создале словенската азбука и започнале со превод на богослужбени книги на словенски јазик. На повик од кнезот Ростислав делувале во Моравија, каде ја зацврстиле христијанската вера и ја прошириле писменоста меѓу Словените.

Кирил починал во Рим во 869 година, а Методиј продолжил со својата мисија сè до смртта во 885 година. По нивното заминување, нивните ученици го продолжиле нивното дело на југ, во Македонија, со Охрид како едно од најважните духовни и книжевни средишта на словенската традиција.

CATEGORIES
Share This