МАКЕДОНИЈА БЛЕСНА ВО КАН Голем пробив на филмската сцена

Македонската кинематографија претставена на еден од најпрестижните светски фестивали.

МАКЕДОНИЈА БЛЕСНА ВО КАН Голем пробив на филмската сцена
Фото: Принтскрин

Агенцијата за филм и оваа година активно учествуваше на Канскиот филмски фестивал, каде што македонската кинематографија беше претставена преку низа професионални, промотивни и меѓународни активности.

Делегацијата на Агенцијата, задолжена за меѓународна соработка и промоција, беше присутна на фестивалот, а меѓу учесниците беше и директорот Сашко Мицевски. Тој учествуваше како панелист на настан организиран од Centre national du cinéma et de l’image animée, посветен на копродукциската соработка со Франција. На панелот беше нагласена важноста на поддршката што Агенцијата ја обезбедува за фестивалите MakeDox и ИФФК „Браќа Манаки“, особено во делот на поврзување и вмрежување на француски и македонски продуценти.

Во рамки на фестивалската програма, македонски филмски проект на Марко Ѓоковиќ беше селектиран за работилница за композитори, што претставува значајна можност за меѓународно вмрежување и развој на проектот. Дополнително, Агенцијата за филм реализираше маркет-проекција за долгометражниот игран филм „Аномалија“ во режија на Ѓоковиќ, која се одржа на 16 мај во рамки на филмскиот маркет.

Македонската продуцентка Ивана Шекуткоска беше избрана меѓу 20-те најперспективни европски продуценти во рамки на програмата „Producers on the Move“, иницијатива на European Film Promotion, реализирана за време на фестивалот со цел поттикнување нови меѓународни соработки.

Во рамки на присуството во Кан, Агенцијата за филм организираше активности за афирмација на македонскиот филм преку македонскиот штанд во SEE Pavilion, каде беа презентирани најновите филмски проекти, актуелните случувања во индустријата и можностите што Македонија ги нуди како локација за снимање и копродукции.

Посетителите и професионалците од филмската индустрија имаа можност за директни состаноци со македонската делегација и запознавање со промотивните материјали и иницијативи за идни соработки.

Претставниците на Агенцијата учествуваа и на Генералното собрание на European Film Agency Directors Association, што овозможи дополнително институционално вмрежување и зајакнување на меѓународната соработка.

Агенцијата за филм продолжува со активна меѓународна промоција на македонската кинематографија и отворање нови можности за соработка со европски и светски филмски професионалци на еден од најзначајните филмски фестивали во светот.

CATEGORIES
Share This