ПРИВЕДЕНИ 18 ВОЗАЧИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Малолетници и пијани зад волан низ Македонија
Најмногу прекршоци се евидентирани во Кичево и Скопје, каде биле затекнати и малолетни возачи.

Во изминатите 24 часа, полициските службеници на територијата на целата држава привеле 18 лица поради безобѕирно управување со моторно возило. Од нив, 12 возачи биле затекнати зад волан без возачка дозвола, меѓу кои и петмина малолетници, четворица управувале под дејство на алкохол, додека двајца возеле и без дозвола и во алкохолизирана состојба.
На подрачјето на Скопје биле санкционирани две малолетни лица кои управувале возило без возачка дозвола. Во Кичево биле приведени шест лица, од кои тројца малолетници, додека по двајца возачи биле затекнати во Велес. По едно лице без возачка дозвола било евидентирано во Струга и Прилеп.
Во Делчево, Свети Николе, Велес и Прилеп, полицијата привела по едно лице кое управувало возило под дејство на алкохол. Дополнително, во Радовиш и Гостивар биле откриени возачи кои истовремено управувале без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни кривични пријави.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, за време на забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе за поголема безбедност во сообраќајот.
