КАГАН ПРЕД МРАЧНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ – САД пред можен историски пораз
Анализата укажува на слабеење на американските воени и логистички капацитети.

Истакнатиот американски неоконзервативец Роберт Каган, еден од највлијателните архитекти на надворешната политика на САД и ко-основач на проектот „Нов американски век“, во нова анализа објавена во „Атлантик“ предупредува дека САД се соочуваат со сериозен и можеби неповратен стратешки пораз во однос на Иран.
Според него, последиците од ескалацијата со Техеран би можеле фундаментално да го променат глобалниот поредок и да ја доведат во прашање долгогодишната американска доминација.
Каган посочува дека клучниот геополитички ризик е контролата врз Ормутскиот теснец и една од најважните светски енергетски рути низ која поминува значителен дел од глобалната нафта.
Тој предупредува дека, и покрај воените операции на САД и нивните сојузници, Иран успева да го задржи влијанието врз оваа стратешка точка, што му дава силна позиција во глобалната енергетска рамнотежа.
Во својата анализа, Каган тврди дека конфликтот не ги покажал само границите на американската надворешна политика, туку и на воените капацитети.
Тој наведува дека брзото трошење на воена опрема и ограничените залихи ја отвораат дилемата за способноста на САД да водат долготрајни конфликти.
„Поразот не е само можен, туку и сè поверојатен“, предупредува тој.
Според Каган, ваквиот развој на настаните би можел да им оди во прилог на Русија и Кина, кои би ја искористиле ослабената американска позиција за проширување на своето влијание.
Тој предупредува и дека државите од Персискиот Залив би можеле да ја преиспитаат својата безбедносна зависност од Вашингтон.
Каган истакнува дека САД се наоѓаат пред тешка политичка одлука: продолжување на ескалацијата со ризик од глобален скок на цените на нафтата, или повлекување кое би можело да се толкува како стратешко отстапување.
Во својата анализа, Каган ја опишува ситуацијата како геополитички „ќор-сокак“, во кој Иран не мора да победи во директен конфликт и доволно е да преживее и да го задржи стратешкото влијание врз Хормутскиот теснец.
Според него, токму тоа би можело да претставува пресвртница во глобалниот баланс на моќ.
