ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ ОД ВИКЕНДОТ – Над 1.400 казни на македонските патишта
МВР најавува продолжување на засилените контроли и во наредниот период.

Во текот на изминатиот викенд, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи спроведоа редовни сообраќајни контроли на патиштата низ земјата, при што биле издадени вкупно 1.433 платни налози.
Најголем дел од прекршоците – 861 се однесуваат на возачи кои не ја почитувале дозволената брзина на движење.
Според информациите од МВР, во истиот период биле лишени од слобода 21 лице поради безобѕирно управување со возило. Од нив, петмина возеле под дејство на алкохол, 11 без возачка дозвола, а петмина и покрај претходно изречена забрана за управување. Дополнително, биле одземени седум возила.
Евидентирани се и 176 случаи на неправилно паркирање, како и 45 прекршоци за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 15 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, девет пешаци, како и 75 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас. Во согласност со Законот за возила, 11 возила биле отстранети од сообраќај поради нерегистрација, а едно поради техничка неисправност. Исто така, санкционирани се и двајца возачи поради неправилно затемнување на стаклата на возилата.
Од МВР порачуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до сите учесници да ги почитуваат правилата и да придонесат за поголема безбедност на патиштата.
