СИЛНА ПОРАКА ОД ПРЕСПА – Мицкоски за идентитетот, Европа и иднината
Премиерот Христијан Мицкоски во посета на Туминец, Преспа и Мала Преспа, каде беше отворен споменик на македонските херои.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска престојуваше меѓу Македонците во Туминец, Преспа и Мала Преспа, каде што учествуваше на свеченост и го отвори споменик посветен на македонските херои од овој регион, чиј ктитор е токму тој.
Пред присутните, Мицкоски порача дека на Македонија ѝ е неопходно национално обединување, особено околу заедничките интереси и иднината на децата. Тој нагласи дека почитта кон историјата и достоинството на народот се клучни темели, додавајќи дека предците не биле поделени кога ја бранеле слободата, туку стоеле обединети под едно име – Македонија.
Тој се осврна и на Македонците во Албанија, оценувајќи дека тие се нераскинлив дел од македонското национално ткиво. Според него, нивната истрајност низ годините претставува голем подвиг, бидејќи успеале да го зачуваат јазикот, традицијата и идентитетот и во најтешките времиња. Мицкоски истакна дека „матицата нема да ги заборави“ и дека Македонија останува со својот народ каде и да живее.
Свеченоста во Туминец се одржа под мотото „Чест за хероите, завет за иднината“, по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Во своето обраќање, Мицкоски нагласи дека европската интеграција е единствениот пат за Македонија, но потенцираше дека Европа треба да се гледа и како вредносен систем, не само како географски поим. Тој истакна дека е неопходно да се разговара за трајни и праведни решенија кои нема да создаваат дополнителни товари за идните генерации.
Премиерот повтори дека „пазарење со идентитетот и достоинството“ нема да има, нагласувајќи дека такви компромиси нема да бидат направени во замена за политички или лични придобивки.
Тој додаде дека Европа денес се соочува со сериозни предизвици како војни, поделби, радикализам и криза на доверба, поради што, како што рече, потребни се разум, стабилност и единство.
НЕМА ДА МОЛЧАМ – Премиерот со силна порака, нашата историја е историја на отпор, не на покорување
