ВРЕДИ СО НОВА ПОЛИТИЧКА ФОРМУЛА – Од коалиција до спојување во една партија

Лидерите на ВРЕДИ најавија посилна организација, поголема вклученост на младите и жените и нов пристап во албанскиот политички блок.

ВРЕДИ СО НОВА ПОЛИТИЧКА ФОРМУЛА – Од коалиција до спојување во една партија
Фото: Принтскрин

Симболично на 9 мај  – Денот на победата, Коалицијата ВРЕДИ на Конгрес во Скопје, во присуство на 850 делегати, официјално се обедини во единствен политички субјект, со што досегашните партии и организации ќе продолжат да дејствуваат како една политичка партија.

Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, во своето обраќање истакна дека постојат моменти кога политиката престанува да биде натпревар и станува неопходност. Според него, сегашниот момент бара единство и промени, а обединувањето на различни политички сили било потребно за да се стави крај на, како што рече, долгогодишната стагнација, институционалните скандали и злоупотребата на правдата за политички пресметки.

Меџити оцени дека сојузот бил тежок, но неопходен, со цел да се отвори ново политичко поглавје за Албанците во државата. Тој потсети дека ВРЕДИ веќе победила во голем дел од албанските општини на локалните избори и порача дека обединетиот настап е најдобар модел за понатамошно политичко претставување.

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, нагласи дека обединувањето испраќа јасна порака за единство и евроатлантска ориентација. Потсетувајќи на протестите „За достоинство, правда и демократија“ од пред една деценија, Сали порача дека европската интеграција нема алтернатива и дека патот кон ЕУ мора да се гради преку кредибилни институции и одговорност кон граѓаните.

Тој истакна дека ВРЕДИ ќе се развива како сериозна политичка структура со силна теренска организација, младински и женски форуми и вклучување на професионалци, со посебен акцент на младите, жените и децентрализацијата на општините.

Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Тетово, Билал Касами, рече дека обединувањето претставува историски момент во кој пет партии и повеќе организации се спојуваат во еден субјект. Според него, ВРЕДИ не е само политички сојуз, туку нова политичка култура заснована на институционалност, одговорност и долгорочно планирање.

Касами нагласи дека партијата ќе се позиционира како десноцентристичка политичка опција, која се темели на вредности како семејството, чесната работа, претприемништвото, идентитетот, јазикот, културата и верата, но и на функционални институции, професионална администрација и еднаква правда за сите граѓани.

На Конгресот се обрати и косовскиот премиер Албин Курти, кој оцени дека одржувањето на собирот на Денот на Европа има силна симболика. Тој порача дека Европската Унија е изградена како проект на мир, демократија и антифашизам, што, според него, има особено значење за Балканот.

Поддршка за новиот политички субјект изразија и потпретседателот на Демократската партија на Албанија, Лучијано Бочи, како и градоначалничката на Прешево, Ардита Синани, кои оценија дека политичкото обединување на Албанците во регионот има посебно значење.

ОБЕДИНУВАЊЕ ИЛИ РАСПАД – ДУИ тврди дека ВРЕДИ е проект без иднина

CATEGORIES
Share This