НАПАД ПРЕД ГРАД СКОПЈЕ – Уринирале врз службено возило, па нападнале редар
Ноќен инцидент на булеварот „Илинден“ заврши со физичка пресметка и повреден службеник.

Комунален редар од Град Скопје заврши со скршен нос по инцидент што ноќеска се случил на булеварот „Илинден“ во Скопје, откако група лица во алкохолизирана состојба наводно оштетувала јавен имот и уринирала врз службени возила.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен околу 00:10 часот во СВР Скопје. Тројца комунални инспектори затекнале три лица, при што едно од нив уринирало врз службено возило, а потоа се оддалечило од местото.
По кратка расправија со 51-годишниот вработен И.С., ситуацијата прераснала во физичка пресметка, при што и двајцата учесници се здобиле со повреди.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека лицата биле под дејство на алкохол и претходно уништувале јавен имот. Според него, едно од лицата подоцна се вратило пред објектот на Град Скопје, продолжило со навреди и агресивно однесување, по што физички го нападнало редарот.
Повредениот бил пренесен во болница каде му била укажана лекарска помош, а полицијата работи на целосно расчистување на случајот. Од МВР најавуваат дека ќе следува соодветна пријава.
