ЌЕ СЕ МЕНУВА ПРОЦЕНКАТА НА НЕДВИЖНИНИ – Министерката Димириеска-Кочоска најави нова методологија
Владата бара баланс меѓу фискалната стабилност, економскиот раст и заштитата на граѓанскиот стандард во услови на глобални кризи.

Во услови на продлабочена геополитичка неизвесност, клучен предизвик за економските политики е одржувањето рамнотежа помеѓу фискалната консолидација, економскиот раст и заштитата на животниот стандард на граѓаните. Ова го истакна министерката за финансии на 9-тата Меѓународна конференција „Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување“, што денеска се одржа во Охрид во организација на Комората на проценувачи на Република Македонија.
Таа нагласи дека светската економија се соочува со постојани шокови, од пандемијата и енергетската криза, до инфлацијата, нарушувањата во глобалната трговија и новите геополитички тензии, кои дополнително ја намалуваат предвидливоста на економските политики и бараат брза адаптација.
Според министерката, најсилниот удар врз економиите доаѓа преку растот и нестабилноста на цените на енергенсите, кои стануваат особено чувствителни при секое нарушување во снабдувањето.
Таа посочи дека македонската економија, како мала и отворена, е директно зависна од глобалните и европските економски текови, поради што е неопходно внимателно управување со секој сегмент од економскиот систем за да се ублажат последиците од кризите.
Во своето обраќање, министерката Димитриеска-Кочоска информираше и дека е започнат процес за ревидирање на Методологијата за проценка на вредноста на недвижниот имот, со цел попрецизна регулација за даночни потреби.
