ТРАГЕДИЈА ШТО ЈА ПОТРЕСЕ ДРЖАВАТА – Сеќавање на „Диво насеље“
Куманово се сеќава на 9 и 10 мај 2015 година, кога во „Диво насеље“ загинаа осум припадници на безбедносните сили.

Денес се одбележуваат 11 години од вооружената престрелка во кумановската населба „Диво насеље“. На 9 и 10 мај 2015 година, во 28-часовните судири, животот го загубија осум припадници на безбедносните сили: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Тие постхумно беа одликувани со медали за храброст. Во истата акција беа повредени и 37 полициски службеници.
Во нивна чест, во кругот на СВР Куманово беше поставена спомен-плоча, а во централниот дел на градот е изработен мурал со порака „Хероите живеат вечно“.
По повод денот на сеќавање, во организација на Синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) при СВР Куманово, комеморацијата започнува со панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, каде ќе се оддаде почит на загинатите. Потоа ќе се положи цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на СВР Куманово.
Програмата продолжува со меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, кој ќе се одржи во спортската сала на СОУ „Перо Наков“, а е најавена и хуманитарна акција за поддршка на полициски службеник. Во недела ќе се одржи и 11. Меморијален велосипедски круг во организација на Патриотско друштво.
Жителите на Куманово и денес се сеќаваат на драматичните настани кога населбата „Тоде Мендол“, позната како „Диво насеље“, беше под опсада, со интензивни престрелки, евакуација на населението и целосна блокада од безбедносните сили.
Пораката што останува меѓу граѓаните е дека вакви трагични настани не смеат да се повторат, а споменот на тие денови и загубите што ги донесоа останува длабоко врежан во сеќавањето на кумановци.
