ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2026 – 500 еко иницијативи, образовна програма „Еко час“, акции низ Скопје, Шар Планина, Охрид и 80 општини
Акцијата продолжува и во следните два дена со нови активности низ целата земја, насочени кон собирање отпад, чистење на јавни површини и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

Со денешната прес-конференција официјално започна шестото издание на националната еко-акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2026, која ќе се спроведува во 80 општини, на повеќе од 500 локации низ целата земја од 8 до 10 мај. Овие еко-акции се организирани од Мен енд Маунтен, со поддршка од нивните официјални партнери: Пивара Скопjе, Пакомак, Нула Отпад, Макстил, ЕВН, ИУТЕ, Заубермахер, КАЗ Груп и Шпаркасе Банка и во соработка со општините и Црвениот Крст.
Годинава, во акцијата се вклучени десетици илјади волонтери, над 600 организации, 250 државни институции, училишта и приватни компании, што ја прави оваа иницијатива најголемата волонтерска еколошка акција во земјата и најмасовна на Балканот.
Официјалното отварање на настанот се одржа во Скопје, каде што Градот Скопје организираше голема акција за чистење на кејот на реката Вардар, од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“. Кампањата беше организирана во осум тимови, распоредени на северната и јужната страна на реката, а во координација со јавното претпријатие Комунална хигиена и јавното претпријатие Паркови и зеленило, беа мобилизирани стотици волонтери од институции, компании и средни училишта.
Паралелно со активностите во главниот град, беше спроведена и акција за чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, во која учествуваа припадници на вооружените сили на земјава, чуварската служба на паркот, стручен тим од австриската компанија Саубермахер и локални жители.
Покрај теренските активности, паралелно продолжува и еко-образовната програма „Еко час“, која се спроведува во училиштата низ земјава, преку соработка помеѓу Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и иницијативата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД.
На официјалното отворање присуствуваа: Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалникот на Град Скопјe и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Република Австрија Мартин Памер и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави:
„Мораме да склучиме пријателски договор со планетата земја и да ја третираме како рамноправен партнер“, има кажано филозофот Мишел. Се сложувам со него. За жал, човештвото влезе во војна со планетата со билките и со животните. Не само што ја губиме битката со планетата, туку трчаме кон самоубиство. Изразувам огромна благодарност до иницијаторите на Генералка Викенд и ние граѓаните треба да научиме дека секој ден вака треба да го почнуваме денот, не само еднаш годишно, исто како јапонците, првин чистат секој во своето опкружување, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на животот“, изјави на средбата со новинарите претседателката Давкова.
Градоначалникот на Градот Скопјe и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна:
„Во името на град Скопје им се заблагодарувам на организаторите на Генералка викенд, кои шеста година година по ред успеаја постепено да всадат навика, не само кај скопјани во главниот град, туку генерално во целата држава. Од она што сум информиран во сите 80 општини, вклучувајќи го и Град Скопје, над 80. 000 илјади волонтери овие три денови чистат. Приклучени се и сите основни и средни училишта низ земјава. Создаваме една прекрасна навика и пракса да си ги чуваме нашите населени места и јавни простори“, рече Ѓорѓиевски, на официјалното отворање на Генералка викенд“.
Амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, истакна:
„Со големо задоволство учествувам години наназад во оваа значајна акција. Генералка викенд е импресивен македонски бренд. Целата земја е вклучена во чистењето на иднината на Македонија“, изјави Памер.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, истакна:
„Генералка викенд е доказ дека кога ќе се обединат јавниот сектор, граѓаните и приватниот сектор, резултатите се видливи и конкретни. Заедно ја градиме свеста дека грижата за животната средина треба да ни стане секојдневна навика. Како министерство насочени сме кон усовршување на современето управување на отпадот“.
Акцијата продолжува и во следните два дена со нови активности низ целата земја, насочени кон собирање отпад, чистење на јавни површини и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

