РАДЕВ ИЗБРАН ЗА ПРЕМИЕР – Еве како изгледа новата влада на Бугарија

Новиот кабинет положи заклетва пред 52-то Народно собрание.

РАДЕВ ИЗБРАН ЗА ПРЕМИЕР – Еве како изгледа новата влада на Бугарија
Фото: Принтскрин

Во Народното собрание денеска е избрана новата бугарска влада. За изборот на Румен Радев за премиер гласаа 124 пратеници „за“, 70 „против“, а 36 беа воздржани. Ист е исходот и при гласањето за структурата на новиот кабинет.

Владата ќе има премиер, четири вицепремиери и 18 министри, што е едно министерство помалку од претходниот состав. Три ресори,  економија, иновации и е-влада се спојуваат и реорганизираат во два.

Новите членови на владата положија заклетва пред 52-то Народно собрание, при што заедно изјавија дека ќе го почитуваат Уставот и законите и ќе работат во интерес на граѓаните. Свеченоста беше проследена со интонирање на химните на Бугарија и Европската Унија. Декретот за избор на Радев за премиер треба да биде објавен во Државниот весник.

Ова е составот на новата влада:

  • Румен Радев – премиер
  • Иво Христов – вицепремиер
  • Атанас Пеканов – вицепремиер
  • Иван Демерџиев – министер за внатрешни работи
  • Велислава Петрова-Чамова – министер за надворешни работи
  • Димитар Стојанов – министер за одбрана
  • Галаб Донев – вицепремиер и министер за финансии
  • Александар Пулев – вицепремиер и министер за економија, инвестиции и индустрија
  • Николај Најденов – министер за правда
  • Наталија Ефремова – министер за труд и социјална политика
  • Георги Валчев – министер за образование и наука
  • Катја Ивкова – министер за здравство
  • Иван Василев – министер за дигитална трансформација
  • Иван Шишков – министер за регионален развој и јавни работи
  • Ива Петрова – министер за енергетика
  • Георги Пеев – министер за транспорт
  • Пламен Абровски – министер за земјоделство
  • Росица Карамфилова-Благова – министер за животна средина
  • Евтим Милошев – министер за култура
  • Илин Димитров – министер за туризам
  • Енчо Керијазов – министер за млади и спорт

Претседателот на Бугарија, Илијана Јотова, претходно му го врачи мандатот за формирање нова влада на Румен Радев, лидер на победничката партија „Прогресивна Бугарија“, која освои убедливо мнозинство на парламентарните избори одржани минатиот месец. По прифаќањето на мандатот, Радев го претстави предлог-составот на новиот владин кабинет.

Радев претходно во јануари поднесе оставка од функцијата претседател за да влезе во изборната трка, по масовните протести предизвикани од корупциски скандали и раст на трошоците за живот, кои доведоа до пад на претходната влада во декември.

Новата влада, според најавите, ќе има итни задачи – усвојување на буџетот, одредување лимити за задолжување за редовна исплата на плати и пензии, како и справување со заостанати обврски кон фондовите на Европската Унија.

Партијата на Радев освои 44,6% од гласовите на изборите на 19 април, со што обезбеди парламентарно мнозинство во 240-членото Собрание.

Овој резултат се оценува како еден од најсилните за една партија во последните децении и отвора можност за прва еднопартиска влада во Бугарија по речиси три децении, со цел поголема политичка стабилност.

CATEGORIES
Share This