ПРОМЕНА ВО ВРВОТ НА КФМ Томица Главчев избран за нов претседател, Перо Антиќ разрешен по шест години на функцијата
На вонредното изборно собрание на Федерацијата, Главчев, бизнисмен и член на Управниот одбор на КФСМ беше единствениот кандидат и едногласно верификуван од страна на новоизбраното парламентарно тело.

Кошаркарската федерација на Македонија доби ново раководство, откако Перо Антиќ беше разрешен од функцијата претседател, а Томица Главчев избран за негов наследник.
На вонредното изборно собрание на Федерацијата, Главчев, бизнисмен и член на Управниот одбор на КФСМ беше единствениот кандидат и едногласно верификуван од страна на новоизбраното парламентарно тело.
Антиќ, кој ја водеше Федерацијата шест години, пред почетокот на собранието се сретна со својот наследник и јавно му изрази поддршка.
„Ми претставува посебна чест и задоволство денес да го поздравам идниот претседател на Кошаркарската федерација, која е мој дом во изминатите шест години. Мојот пријател Томица ја има мојата апсолутна поддршка и верувам дека тој е вистинскиот избор за напредокот на кошарката во Македонија. Му посакувам на новиот претседател среќа и успешна работа во годините што доаѓаат“ – изјави Антиќ.
Главчев е познат во кошаркарските кругови како сопственик на клубот Блокотехна, но и како финансиер на Кожув, МЗТ Скопје и Партизан. Со неговото избирање, тој стана 11-тиот претседател на Федерацијата.
Иницијативата за смена на Антиќ беше покрената на почетокот на април од поранешниот репрезентативец Младен Ѓуровски, со поддршка од 37 членови на Собранието на КФСМ, по што беше свикано вонредно собрание.


