СЕКОЈ ЧЕКОР ПОД НАДЗОР – Најава за „Безбеден град“ низ целата држава
Камерите и дигиталниот надзор ќе се активираат веднаш штом се исполнат техничките услови во градовите.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ до крајот на годината ќе биде целосно имплементиран низ целата држава. Според него, проектот веќе дава позитивни резултати во подобрувањето на сообраќајната безбедност, а целта е секој граѓанин да живее во побезбедна средина.
Тошковски посочи дека имплементацијата се одвива етапно, во зависност од техничката подготвеност на општините и градовите.
„Штом се исполнат техничките услови на локално ниво, системот веднаш се активира. Нема да се чека сите градови да бидат подготвени во ист момент“, изјави министерот.
Министерот предупреди и за појавата на лажни пораки поврзани со наводни сообраќајни прекршоци кои се испраќаат до граѓаните. Тој информираше дека институциите веќе работат на откривање на изворот на овие измами и апелираше јавноста да не отвора сомнителни линкови и веднаш да ги пријавува ваквите пораки до надлежните служби.
