СПЕЦИЈАЛЦИ, ВОЗИЛА И МУЗИЧКИ ХЕПЕНИНГ – Што носи Денот на полицијата во Скопје
Годинашното одбележување на 7 Мај е посветено на борбата против родово базираното и семејното насилство.

Македонија денеска го одбележува 7 Мај – Денот на македонската полиција, празник посветен на полициските службеници и безбедносните структури во државата. По тој повод, во кругот на Министерството за внатрешни работи во Скопје ќе се одржи централна свеченост, на која ќе се обратат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
На настанот е најавено присуство на министри, претставници на институции и членови на дипломатскиот кор во земјава.
Одбележувањето продолжува и попладнево, кога од 17:30 часот на паркингот пред Градското собрание ќе биде организирана презентација на полициска опрема и возила од различни единици. Граѓаните ќе имаат можност одблиску да се запознаат со работата на полицијата и да се дружат со полициските службеници.
Во 18:00 часот, на „Школка“ во Градскиот парк ќе се одржи музичко-забавен настан со настап на познати музички имиња.
Годинашното одбележување е посветено на борбата против родово базираното и семејното насилство, тема од исклучително значење за општеството. Преку заедничка порака, институциите и граѓаните ќе упатат апел за препознавање, пријавување и спречување на насилството.
Настанот ќе биде збогатен со музички колаж и настапи на гости-изведувачи, со што ќе се заокружи одбележувањето во духот на солидарност, поддршка и заедништво.
Датумот 7 Мај официјално е востановен како Ден на македонската полиција со одлука на Владата од 20 април 1993 година, кога го заменил дотогашниот датум 13 Мај. Изборот на датумот е поврзан со Смилевскиот конгрес од 1903 година, кој се смета за почеток на организираниот безбедносен систем во Македонија.
Министерството за внатрешни работи ги поканува сите граѓани да бидат дел од заедничкото одбележување и заедно да испратат порака за општество без насилство.
