СЛЕДИ ПРЕСВРТ – Слот може да си замине од Ливерпул, Ајакс веќе во игра
Холандските и англиските медиуми пренесуваат дека Ливерпул може да остане без тренер.

Ајакс, според наводи, веќе започнал првични разговори со Арне Слот во случај холандскиот стратег да го напушти Ливерпул на крајот од сезоната. Ваквите информации ги пренесуваат холандскиот „Телеграф“ и англискиот „Гол“.
Претходно во медиумите се појавија тврдења дека Ливерпул би можел да се раздели со Слот доколку не успее да избори пласман во Лигата на шампионите за следната сезона. По 35 одиграни кола во Премиер лигата, „црвените“ се на четвртото место со 58 освоени бодови, а првите пет позиции обезбедуваат настап во елитното европско натпреварување.
Слот го презеде Ливерпул по заминувањето на Јирген Клоп на стартот од минатата сезона и успеа да ја освои Премиер лигата, и тоа убедливо и спротивно на многу очекувања.
Сепак, оваа сезона резултатите се значително послаби, и покрај тоа што клубот инвестираше речиси половина милијарда евра во нови засилувања. Слот има договор со Ливерпул на три години, кој трае до летото 2027 година.
И покрај шпекулациите, извори блиски до клубот тврдат дека најверојатно ќе го одработи целиот договор, што значи дека и следната сезона би останал на клупата на „Енфилд“.
