ЉУТКОВ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА – Македонија блеска пред белгиската публика

Македонскиот џез оркестар носи уникатен спој на традиција и современ звук пред европската публика.

ЉУТКОВ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА – Македонија блеска пред белгиската публика
Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, престојува во Брисел, каде што вечерва ќе се обрати пред почетокот на концертот на Оркестарот за џез-музика. Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија.

Публиката во престижната сала „Бозар“ (Bozar) ќе има можност да ужива во музичка вечер која спојува македонска традиција со современ џез-израз.

Манифестацијата „Денови на македонската култура“, која ја претставува македонската уметност пред европската публика во најрепрезентативно издание, започна на 2 мај со настап на Балетот при Националната опера и балет во Антверпен. Програмата продолжи вчера во Брисел со проекција на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески во киносалата „Синема Галериес“ (Cinema Galeries). До крајот на годината, манифестацијата ќе биде заокружена со изложба на теракотни икони од Виница во Европскиот парламент.

„Денови на македонската култура“ претставуваат значајна можност за промоција на богатото културно наследство и современото уметничко творештво на Македонија на меѓународната сцена. Настанот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

CATEGORIES
Share This