САБОТАЖА ИЛИ ТРАГИЧНА ГРЕШКА – Нови информации за најсмртоносната авионска несреќа во Кина
Според извештајот, снимачот на податоци престанал да работи кога авионот изгубил електрично напојување на околу 26.000 стапки, па не се регистрирани последните секунди од падот.

Повеќе од четири години по падот на авионот Боинг 737-800 во јужна Кина, во кој загинаа сите 132 патници и членови на екипажот, новите податоци укажуваат дека е можно некој во пилотската кабина намерно да го исклучил доводот на гориво до моторите.
Летот MU5735 на China Eastern Airlines се урна во март 2022 година и претставува најсмртоносната авионска несреќа во Кина во последните децении. И покрај тоа, Кинеската администрација за цивилно воздухопловство (CAAC) сè уште не објавила конечен заклучок за причините за несреќата, пренесува CNN.
Податоци објавени од Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (NTSB), добиени преку барање за пристап до информации, покажуваат дека прекинувачите за гориво на двата мотори биле истовремено префрлени во исклучена положба непосредно пред падот.
Овие податоци потекнуваат од „црната кутија“ и снимачот на податоци за летот, кој ги бележи клучните параметри на летот. Уредот бил пронајден меѓу остатоците и анализиран во лабораторија на NTSB во Вашингтон. Американските истражители учествуваат во истрагата бидејќи авионот е произведен од Boeing, американска компанија.
Според извештајот, авионот летал на висина од околу 29.000 стапки кога прекинувачите за гориво биле поместени од работна во исклучена положба. По тоа, брзината на моторите почнала да опаѓа.
Прекинувачите за гориво кај патничките авиони се физички контроли што го регулираат доводот на гориво. Кај моделот 737, тие не можат случајно лесно да се префрлат, бидејќи прво мора да се повлечат нагоре пред да се поместат.
Аналитичарот за воздухопловна безбедност Дејвид Суси изјави дека податоците укажуваат на рачно дејствување на прекинувачите кратко пред несреќата. Тој додава дека нема знаци дека тие биле повторно вклучени, што би укажувало на обид за рестартирање на моторите.
Според извештајот, снимачот на податоци престанал да работи кога авионот изгубил електрично напојување на околу 26.000 стапки, па не се регистрирани последните секунди од падот.
Снимачот на гласови во кабината продолжил да работи благодарение на резервна батерија. Американските истражители извлекле четири аудио-записи и ги доставиле до кинеските власти, но не задржале копии од тие снимки.
