ДРАМА ВО МОСКВА ПРЕД ПАРАДАТА – Украински дрон удри во срцето на градот
Жителите пријавија силни експлозии и дронови кои летале ниско над градот во текот на ноќта.

Украински беспилотни летала ноќеска наводно извршиле напад врз Москва, при што бил погоден станбен објект во поширокиот центар на руската престолнина, јавуваат руски Телеграм канали.
Според објави и видеа на социјалните мрежи, дрон бил забележан како лета ниско над Москва нешто пред 1 часот по полноќ по локално време, по што жителите пријавиле силни експлозии.
Фотографии покажуваат оштетувања на горните катови на висококатница, за која се претпоставува дека е кулата „Мосфилм“, лоцирана западно од центарот на градот. На снимките може да се види и расфрлан материјал на улицата под објектот.
Се наведува дека нападот се случил на околу 7 километри од Црвениот плоштад и приближно 3 километри од руското Министерство за одбрана. Објектот се наоѓа во елитен дел од градот, во близина на дипломатски објекти и резиденции.
Москва и претходно пријавувала напади со дронови, но системите за воздушна одбрана најчесто ги пресретнуваат. И покрај зачестените обиди во последните месеци, штетата во градот досега, според руските власти, била ограничена.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, потврди дека се случил напад и изјави дека нема повредени. Подоцна соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила уште два дрона што се движеле кон градот.
Украинските власти засега не го коментирале инцидентот, а обемот на штетата сè уште не е целосно потврден.
Настанот се случува неколку дена пред воената парада за Денот на победата на 9 мај, која традиционално се одржува на Црвениот плоштад во Москва.
