АЛАРМ ОД МВР – 14 возачи уапсени за едно деноноќие, меѓу нив и малолетник
Патиштата стануваат опасни, а алкохолот и непочитувањето на правилата во пораст.

Во изминатите 24 часа, полициските службеници низ целата држава лишиле од слобода 14 возачи поради безобѕирно управување со возило. Од нив, петмина возеле без возачка дозвола и меѓу нив и еден малолетник, двајца управувале и покрај активна забрана, додека седуммина биле зад волан под дејство на алкохол, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според податоците, по еден возач без дозвола бил затекнат во Скопје, Велес, Демир Хисар, Охрид и Тетово. Во Охрид и Тетово, пак, по едно лице управувало возило и покрај изречена забрана. Во меѓувреме, под дејство на алкохол биле фатени возачи во Свети Николе, Кочани, Кавадарци, Струмица, Гевгелија, како и двајца во Прилеп.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни кривични пријави. Воедно, упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата, да не управуваат возило без дозвола, под забрана или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
