РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ СО МАЛО ПРИСУСТВО И ГОЛЕМИ ПОРАКИ – Што се случува со синдикатите?
Според синдикалните податоци, околу половина од работниците во Македонија живеат со плата под 600 евра, а една третина од населението е под прагот на сиромаштија.

ССМ и годинава го одбележа Први Мај – Денот на трудот со протест по веќе познатата рута низ Скопје. Маршот започна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи кон Собранието, потоа пред Стопанската комора, а заврши пред Владата.
Синдикалците излегоа со јасни барања за зголемување на минималната плата, доследно почитување на колективните договори и подобра заштита на работниците на работните места. Тие предупредија дека состојбата е сериозна, посочувајќи дека само во 2025 година 31 работник го загубил животот на работното место.
Од протестот беа упатени пораки и до работодавачите и до синдикалните организации кои оваа година не се приклучија на маршот.
Протестот имаше помал број учесници и заврши пред Владата, традиционално место за синдикалните пораки и незадоволства.
Лидерот на синдикатот Слободан Трендафилов упати пораки до граѓаните кои денес не дојдоа да дадат поддршка на протестот посветен на барањето за повисока минимална плата.
Трендафилов предупреди дека граѓаните веќе од понеделник ќе се соочат со, како што рече, суровата реалност.
„На 4 мај, во понеделник, сите нас, сите нив, сите што заминаа на продолжен викенд, сите кои ни ракоплескаат по патот, сите кои гледаат од балконите, сите кои ќе не гледаат на вестите ,ќе ги удри суровата реалност во глава. А тоа е повторно најниска минимална плата во Европа, повторно најниска просечна плата во Европа, повторно обиди за уништување на колективното договарање и синдикатите кои се борат, а не се молат“, изјави Трендафилов.
Според синдикалните податоци, околу половина од работниците во Македонија живеат со плата под 600 евра, а една третина од населението е под прагот на сиромаштија.
