СВЕТСКО ПРВЕНСТВО СО ЗЛАТНИ ПРИХОДИ – 500 милиони барања за билети, скапи се, но достапни вели Инфантино
Инфантино најави нова кандидатура за претседател на ФИФА во 2027 година.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на конгресот во Ванкувер потврди дека ќе се кандидира за нов мандат во 2027 година.
Во своето обраќање пред делегатите, тој ги истакна достигнувањата на организацијата во изминатата деценија под негово водство.
Инфантино посочи дека приходите за периодот 2022-2026 година ќе достигнат речиси 12 милијарди евра. Во споредба со почетокот на неговиот мандат, средствата за развој за периодот 2027-2030 година се зголемени осумпати и сега изнесуваат 2,3 милијарди евра.
Најголем дел од приходите се очекува да дојдат од Светското првенство кое годинава ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Токму поради тоа, ФИФА беше предмет на критики поради високите цени на билетите.
„Слушнавте многу за билетите за Светското првенство. Имавме 500 милиони барања за нив. Во последните две фази имавме 50 милиони. Билетите се скапи, но и достапни“, изјави Инфантино.
Неговата кандидатура претходно доби поддршка од Јужна Америка, Африка и Азија.
