ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО КУЛТУРАТА – Владата ја враќа мерката што ја немаше со години

Поддржани 28 автори и 37 дела во вредност од околу 7 милиони денари.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО КУЛТУРАТА – Владата ја враќа мерката што ја немаше со години
Фото: Принтскрин

Во рамките на годинашниот откуп се поддржани 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупна вредност од околу 7 милиони денари. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека оваа мерка претставува значајна поддршка за уметниците, но и начин за трајно збогатување на фондот на националните уметнички збирки.

На отворањето на изложбата на откупените дела во Музејот на современа уметност во Скопје, Љутков нагласи дека по речиси една деценија се обновува мерката за откуп на ликовни дела, последен пат реализирана во 2016 година. Според него, ова претставува јасна заложба за системска и долгорочна културна политика, особено во услови на глобални кризи кои ја засегаат културната сцена.

Тој посочи дека со оваа иницијатива не само што се поддржува современото уметничко творештво, туку се создава и трајна културна вредност што останува како дел од колективната меморија. Мерката, како што додаде, е дел и од новата стратегија на Министерството за култура и туризам (2026-2030).

Конкурсот имаше за цел поттикнување на современата ликовна сцена, развој на ликовната култура и збогатување на збирките во националните установи. При изборот предност имаа дела со значајна уметничка, културна или историска вредност, како и оние што ги одразуваат современите уметнички практики.

Откупените дела ќе бидат распределени во националните музеи и галерии. Љутков им честиташе на авторите и им се заблагодари на членовите на комисијата, како и на сите уметници кои придонесуваат за развојот на македонската култура. Посебно ја истакна и донацијата на уметницата Жанета Вангели, која подари две дела на Музејот на современа уметност.

CATEGORIES
Share This