НОВА ЗВЕЗДА НА ПОЕЗИЈАТА – Од Њукасл до Струга, патот што ја изненади Европа

Наградата „Мостови на Струга“ за 2026 година му припадна на британскиот поет Даниел Хајндс.

НОВА ЗВЕЗДА НА ПОЕЗИЈАТА – Од Њукасл до Струга, патот што ја изненади Европа
Фото: Принтскрин

Британскиот поет Даниел Хајндс е годинашниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2026 година, која Струшките вечери на поезијата, во соработка со УНЕСКО, ја доделуваат за најдобра дебитантска поетска збирка.

Директорот на СВП, Никола Кукунеш, истакна дека поетското творештво на Хајндс често се опишува како „археологија на зборот“, каде секој стих навлегува длабоко во слоевите на минатото за да ги извади на површина заборавените гласови и пејзажи.

Тој додаде дека централна тема во неговата поезија е спојот меѓу митот и современоста. Поетиката на Хајндс се карактеризира со прецизен јазик и употреба на архаични, но функционални изрази. Неговиот стил е економичен, но силен и секој збор е внимателно избран и носи тежина, без непотребен сентиментализам.

Посебен квалитет, според Кукунеш, имаат и аудитивните елементи во неговата поезија. Преку алитерации и внатрешен ритам, неговите стихови создаваат впечаток на звук што потсетува на усната поетска традиција.

„Неговата поезија не е само читање, туку доживување на создавањето на еден свет од кал, крв и стих“, нагласи тој.

Хајндс има дипломирано англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде подоцна и магистрирал со одличен успех. Неговата дебитантска збирка „Нови, познати фрази“ е објавена од издавачката куќа „Брокен слип букс“ во март 2025 година.

CATEGORIES
Share This