НОВИ СТРОГИ ПРАВИЛА ВО ФУДБАЛОТ – Црвен картон за покривање на уста
ФИФА и ИФАБ донесоа две нови, строги измени во правилата кои стапуваат на сила на Светското првенство.

ФИФА предложи, а ИФАБ едногласно ги одобри двете измени во Правилата на фудбалската игра на специјална седница одржана во Ванкувер. ИФАБ (Одборот на меѓународните фудбалски асоцијации) е највисокото и најстарото тело задолжено за дефинирање и менување на фудбалските правила. Новите измени ќе почнат да се применуваат на Светското првенство кое стартува за околу 50 дена.
На состанокот во Ванкувер, ФИФА доби поддршка за воведување на правило неофицијално наречено „Лекс Винисиус“, според кое играч што ќе ја покрие устата додека упатува зборови кон противникот може да биде санкциониран со црвен картон. Оваа мерка, како што се наведува, е дел од пошироки напори за справување со дискриминаторско и несоодветно однесување на теренот.
Како повод за ваквата иницијатива се наведува инцидент од натпревар меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампионите, кога имаше обвинувања за навредливо однесување, но дел од изјавите не можеа јасно да се потврдат поради тоа што говорот на играчите бил делумно прикриен.
Дополнително, одобрена е и втора промена во правилата: играчи кои намерно го напуштаат теренот во знак на протест против судиска одлука ќе можат да добијат црвен картон. Истата санкција може да важи и за членови на стручните штабови доколку ги поттикнуваат играчите на вакво однесување.
Ова правило е поврзано со претходни ситуации на меѓународни натпреварувања, каде тимови демонстративно го напуштале теренот во знак на незадоволство од судењето, што подоцна довело до дисциплински последици.
Според соопштението, ИФАБ нагласува дека целта на измените е поголема дисциплина, фер-плеј и намалување на конфликтни ситуации на теренот.
