БЕСПЛАТНО ГЛЕДАЊЕ КОЕ НЕ СЕ ПРОПУШТА – Филм што ја открива мрачната страна на уништената природа
ИФФК „Браќа Манаки“ се приклучува на регионалната еко-иницијатива „Екоскоп“.

По повод Денот на планетата Земја, ИФФК „Браќа Манаки“, како дел од јадранската мрежа на филмски фестивали, се приклучува кон иницијативата за подигнување на еколошката свест преку филмската уметност. Во рамки на програмата „Екоскоп“, македонската и регионалната публика до денеска 29 април има можност бесплатно онлајн да го погледне украинскиот документарен филм „Дивија“ на режисерот Дмитро Хрешко.
Оваа визуелно моќна и поетска документарна приказна отвора прашања за одржливоста и влијанието на човекот врз природата, нагласувајќи ја улогата на фестивалот во промовирање на значајни општествени и еколошки теми.
Проекцијата е дел од регионалната иницијатива „Екоскоп“, во која се вклучени фестивалите од Сараево, Херцег Нови, Љубљана, Загреб, Фестивалот на авторски филмови и ИФФК „Браќа Манаки“. Четврта година по ред, оваа мрежа по повод Денот на планетата Земја прикажува документарни филмови посветени на животната средина, достапни бесплатно за публиката во целиот регион.
Филмот „Дивија“ ја следи трансформацијата на Украина од недопрена природна убавина до пејзажи разурнати од војната. Со доаѓањето на пролетта, животот постепено се обновува, но обемот на уништувањето укажува на неизвесен и бавен процес на еколошко закрепнување.
Прикажан во натпреварувачката програма на 31. Филмски фестивал во Сараево и номиниран за „Срцето на Сараево“ за документарен филм, „Дивија“ низ слики од изгорени шуми, уништени полиња и поплавени населби го истражува двојното уништување, човечкото и еколошкото.
Преку перспективата на деминери, екологисти и тимови за реставрација, филмот го прикажува бавниот, тежок, но решителен процес на обнова на кревките екосистеми.
Филмот е достапен онлајн до 29 април преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba, а проектот е кофинансиран од потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“.
