НЕМА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА НАСИЛСТВО – Обвинителството бара најстрога казна
Обвинителката истакна дека случајот е пример за сериозни последици од семејно и психичко насилство и дека мора да се испрати јасна порака.

Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски, на кој му се суди за трагичниот настан по падот од тераса во кој загинаа неговата сопруга Ивана и нивната 6-годишна ќерка Катја.
Јовановски ги негира обвиненијата и тврди дека не ја предизвикал трагедијата. Неговите адвокати имаа спротивставени завршни зборови и едниот го бранеше тврдењето дека е невин, додека другиот делумно ја прифати вината.
Тој е обвинет за три кривични дела: нанесување телесна повреда во контекст на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.
Обвинителката Адела Бојчевиќ истакна дека се бара максимална казна за сите дела, не само поради жртвите, туку и за да се испрати јасна порака дека психичкото и семејното насилство нема да се толерира.
Според обвинителството, психијатриско-форензичкото вештачење покажало дека Ивана била под силна траума и имала искривена перцепција дека нејзиното дете е во опасност, што влијаело на нејзините постапки.
Адвокатката на семејството на Ивана нагласи дека судската пракса на Европскиот суд за човекови права бара да се земе предвид континуираното насилство во вакви случаи.
Јовановски, пак, ја префрли вината врз сведокот Мартин Саздов, тврдејќи дека тој имал влијание врз односите во семејството и дека сведочењата против него се неосновани.
Одбраната остана поделена и еден адвокат смета дека нема доволно докази, додека другиот признава постоење на вина за дел од обвиненијата, но не и за наведување на самоубиство, за кое смета дека одговорноста треба да се бара и кај други лица.
Максималната предвидена казна за трите дела изнесува 13 години затвор, а пресудата е закажана за 7 мај.
