ЌЕ ТИ ГО СРЕДАМ ПРЕДМЕТОТ – Откриен мито-скандал во скопското судство
Странка го пријавила случајот откако било побарано дополнително мито и покрај тековна постапка.

Судството повторно е потресено од корупциски скандал, овојпат поврзан со барање мито од страна на судски полицаец, кој од странка во постапка побарал 1.000 евра за да „го заврши предметот“ пред Апелациониот суд во Скопје.
И покрај наводните ветувања, исходот не бил во корист на странката, по што Апелациониот суд донел неповолна одлука, а предметот продолжил во постапка пред Врховниот суд. Според информациите, судскиот полицаец повторно ја искористил ситуацијата и побарал дополнителни 500 евра мито, тврдејќи дека може да влијае врз исходот во Врховниот суд. Наместо да плати, странката случајот го пријавила во полиција.
Во текот на истрагата било утврдено дека осомничениот барал мито и во други случаи, при што имал и соработник – судски доставувач, кој посредувал во одредени активности.
За судскиот полицаец е определена мерка притвор, додека на судскиот доставувач му е изречена поблага мерка – куќен притвор.
