СИЛЕН НАСТАП ВО ДЕЛФИ – Божиновска најави коридори што ќе ја променат играта

Македонија ја претстави својата стратегија за диверзификација на енергетските извори.

СИЛЕН НАСТАП ВО ДЕЛФИ – Божиновска најави коридори што ќе ја променат играта
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на панелот „Engineering the Infrastructure of Energy Security“ во рамки на Економскиот форум во Делфи, одржан во Делфи, Грција.

Заедно со високи претставници од САД, Европската Унија и регионот, таа ја презентираше визијата на Македонија за зајакнување на енергетската сигурност и унапредување на регионалната поврзаност.

Божиновска нагласи дека енергетската политика мора да биде поткрепена со инфраструктура, истакнувајќи дека без неа таа останува само декларативна. Таа посочи дека државата се фокусира на изградба на стабилен и диверзифициран енергетски систем.

Според неа, стратегијата се базира на диверзификација на изворите на енергија, развој на интерконективна инфраструктура и зајакнување на енергетската безбедност како клучен стратешки приоритет.

Таа додаде дека Македонија има амбиција да се позиционира како регионален енергетски центар кој ќе ги поврзува пазарите, изворите и инфраструктурите, со цел намалување на зависноста од единствени снабдувачки рути и зголемување на стабилноста на системот.

„Инвестираме во коридори што ја намалуваат ранливоста, ја зголемуваат стабилноста и создаваат поконкурентен пазар“, истакна министерката.

Со јасна стратегија, конкретни проекти и засилена меѓународна соработка, Божиновска оцени дека Македонија се позиционира како сигурен и предвидлив партнер во европската енергетска архитектура.

CATEGORIES
Share This