ПРЕПЛАТЕНИ ПЛАТИ ВО БОЛНИЦИ -Тројца лекари вратиле 25.000 евра во буџетот по утврдени неперавилности
Директорот Клековски не откри каде и кај кои лекари се случиле пропустите.

Тројца лекари вратиле околу 1,5 милиони денари (околу 25 илјади евра) во буџетите на јавните здравствени установи каде што работат, откако било утврдено дека им биле погрешно пресметани и исплатени повисоки плати. Информацијата ја соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој не откри за кои доктори и установи станува збор.
Тој појасни дека меѓу нив не е лекарот за кој премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека заработил околу 12 илјади евра за еден месец. Според неофицијални информации, кои кружат во јавноста, таа сума е остварена преку дополнителна работа, со оглед на тоа што станува збор за дефицитарна медицинска специјалност во земјата.
Клековски истакна и дека во Македонија нема категорија граѓани што се целосно исклучени од здравственото осигурување. Според него, системот ги опфаќа сите, а лицата без приходи се осигуруваат преку посебна програма на Министерството за здравство.
Во моментов, во земјата има околу 1.836.000 осигуреници, од кои околу 470.000 се лица без редовни приходи.
Тој објасни дека бесплатното осигурување важи за граѓани кои во претходната година имале приходи под 293.000 денари или во последните два месеца под 48.000 денари. Оние со повисоки приходи можат да се осигурат со месечен придонес од 2.593 денари, пресметан врз основа на 50 отсто од просечната плата.
Државата, како што нагласи, го презема товарот за осигурување на граѓаните кои не можат сами да ги покријат трошоците, обезбедувајќи им пристап до здравствени услуги преку јавниот систем.
