ЦЕНА ВО НЕБОТО – Авионските билети скокаат за речиси 90 евра по патник
Според анализа на T&E, поскапувањето на авионското гориво веќе се одразува врз цените на билетите.

Нарушувањата во глобалното снабдување со нафта, предизвикани од конфликтот во Иран, доведоа до зголемување на цената на авионските билети на долги релации од Европа за околу 90 евра, соопшти невладината организација Европска федерација за транспорт и животна средина (T&E), пренесуваат белгиски медиуми.
Според нивната анализа, растот на цената на авионското гориво предизвикал зголемување на просечните трошоци од околу 88 евра по патник за интерконтинентални летови што поаѓаат од Европа, како и околу 29 евра по патник за летови во рамки на Европа. Организацијата ги споредила тековните цени на горивото со оние пред почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран.
Во извештајот се наведува дека, на пример, летот Барселона-Берлин би поскапел за околу 26 евра по патник, додека на релација Париз-Њујорк зголемувањето би достигнало околу 129 евра.
Пресметките се базираат на просечната потрошувачка на гориво на летовите што поаѓаат од Европа, поделена со бројот на патници, со цел да се утврди колку од зголемените трошоци директно се пренесуваат на секој патник.
Претставници на големи европски авиокомпании, меѓу кои „Луфтханза“, „Рајанер“ и „Ер Франс–КЛМ“, претходно предупредија дека постои можност повисоките трошоци за гориво да се префрлат на патниците доколку ограничувањата во Ормускиот теснец продолжат подолг период.
Од T&E оценуваат дека дополнителните трошоци за авиоиндустријата се помали од товарот што го трпат патниците, истакнувајќи дека кризата на Блискиот Исток ја покажува зависноста од увезена нафта како клучна ранливост.
Европската унија најави дека утре ќе објави насоки за управување со ограничените резерви на авионско гориво, со цел стабилизирање на пазарот и обезбедување континуитет во воздушниот сообраќај.
