НЕВЕРОЈАТНО ФИНАЛЕ – Вардар преживеа пекол и дојде до 18-ти трофеј
Вардар останува во трка за двојна круна со осум бода предност во првенството.

Ракометарите на Вардар стигнаа до својот 18-ти трофеј во Купот на Македонија, откако во неизвесно финале во Струмица го совладаа Охрид со 24-23.
Со оваа победа, „црвено-црните“ остануваат најуспешниот клуб во историјата на натпреварувањето. Зад нив се Металург со шест и Пелистер со пет освоени куп-трофеи.
Вардар подобро го отвори натпреварот и во најголем дел од првото полувреме имаше контролa над резултатот, постојано водејќи со еден до два гола разлика. Сепак, во финишот Охрид успеа да се врати и израмни на 12-12, но на пауза Вардар замина со минимална предност благодарение на голот на Малус.
Во второто полувреме се играше израмнето во првите десет минути, по што Охрид направи серија од 4-0 и првпат поведе, стигнувајќи и до плус три (20-17 и 21-18). Вардар одговори со иста мера и со своја серија од 4-0 повторно го презеде водството (22-21).
До крајот следуваше драматична завршница со промени во ритамот, неколку промашувања и одлични интервенции на голманите. Во последната минута Вардар водеше 24-23, а по пробивањето на Малус, Охрид доби последен напад за израмнување. Иако имаа и играч повеќе по исклучувањето на Гоце Георгиевски, нападот на Охрид заврши со грешка, што значеше и крај на натпреварот и почеток на славјето на Вардар.
Најефикасен на мечот беше Јака Малус со осум голови, додека голманот Валах забележа 10 одбрани.
По натпреварот, тренерот Иван Чупиќ го освои првиот трофеј со Вардар и порача дека целта останува двојната круна. Тој истакна дека е горд на тимот, нагласувајќи дека победничкиот менталитет и карактерот биле клучни за успехот. Вардар продолжува со осум бода предност во првенството, каде остануваат уште пет кола до крајот.
