ХАОС НА СТАДИОНОТ БАШКИМИ – Нападнати фудбалери, искршен автобус, уапсен сопственик на клуб, што се случи по натпреварот
Инцидентот се случил на стадионот „Башкими“ по мечот меѓу Башкими и Струга Трим Лум.

Вчера во СВР Куманово било пријавено дека во 16:50 часот, по завршувањето на фудбалскиот натпревар на стадионот „Башкими“ во Куманово меѓу ФК „Башкими“ и ФК „Струга Трим Лум“, дошло до вербална расправија меѓу Б.Х. (39) од Куманово, сопственик на домашниот клуб, и член на гостинската екипа од Струга.
По инцидентот, на паркингот пред стадионот, повеќе лица со тврди предмети го оштетиле автобусот на приватна фирма од Струга, со кој биле превезувани фудбалерите.
Во 20:20 часот, полициски службеници од СВР Куманово го привеле Б.Х. (39), а од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Истовремено, врз основа на делегатскиот извештај и записникот од натпреварот одигран во рамки на 28. коло од Првата МФЛ на 19.04.2026 година, Комисијата за натпревари при ФФМ констатирала сериозни нарушувања на редот и безбедноста по завршувањето на мечот.
Според извештајот, по последниот свиреж, додека делегатот и судиите сè уште биле на теренот, дошло до инцидент во кој биле нападнати играчи и претставници на гостинската екипа. Во настанот учествувале лица поврзани со домашниот клуб и редарската служба, а посебно се издвојува случајот со Бурак Хида, кој не бил внесен во официјалниот записник, а наводно физички нападнал претставник на гостите, нанесувајќи му удар во пределот на градите, по што следеле навреди и недолично однесување.
Инцидентот траел околу 10 до 15 минути, по што со интервенција на полицијата делегатот и судиската екипа биле безбедно спроведени во службените простории. Потоа било побарано засилено полициско присуство за безбедно напуштање на стадионот на гостинската екипа.
Дополнително, делегатот претходно го предупредил МВР дека натпреварот може да биде прекинат доколку има навредливи содржини кон државата и ФФМ, информација која била пренесена и до домашниот клуб, по што настанала и вербална расправија околу надлежностите.
Согласно член 75-в и 77-г од Правилникот за натпревари на ФФМ, Комисијата донела одлука за суспензија на теренот на стадионот „Башкими“ до донесување конечна одлука. Против ФК „Башкими 1947“ и Бурак Хида е покрената дисциплинска постапка, а предметот е предаден на Дисциплинската комисија на ФФМ.
ФФМ најостро ги осуди сите форми на насилство и недолично однесување, нагласувајќи дека ќе продолжи со доследна примена на прописите за заштита на интегритетот на натпреварувањето и безбедноста на сите учесници.
