СТРАВ И НАДЕЖ ДОАЃА НА СЦЕНА – Претстава што поставува непријатни прашања за животот денес

Актерска екипа од врвни имиња во новата продукција на Македонскиот народен театар.

СТРАВ И НАДЕЖ ДОАЃА НА СЦЕНА – Претстава што поставува непријатни прашања за животот денес
Фото: Принтскрин

На 22 април, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), премиерно ќе биде изведена претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, еден од најзначајните и најизведувани современи германски драмски автори, чие творештво често се споредува со комплексноста на Бертолт Брехт. Режијата ја потпишува реномираната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат, позната по својот бескомпромисен, аналитички и психолошки прецизен театарски израз.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Од МНТ истакнуваат дека со оваа постановка се отвора ново поглавје на соработка со истакнати регионални автори. Директорот Никола Кимовски посочува дека доаѓањето на Мандиќ Ригонат претставува значаен уметнички исчекор и внесување на нова енергија во репертоарот, преку режисер чиј пристап се одликува со психолошка длабочина и храброст за отворање на суштински општествени прашања.

Текстот на Крец, составен како мозаик од сцени, ја прикажува суровата реалност на современото општество и притисоците врз поединецот. Ликовите се соочуваат со невработеност, економска несигурност, страв од губење на работното место и чувство на намалена вредност, додека приватните односи стануваат простор на акумулирани фрустрации и тензии. Во такви услови, човечкото достоинство се судира со механизмите на современиот капиталистички систем.

Режисерката Ригонат нагласува дека работата на оваа претстава во МНТ претставува важен креативен предизвик, особено поради силната актерска екипа и продукциските услови. Таа ја опишува драмата како дело кое директно се занимава со егзистенцијалните стравови и социјалните притисоци на современиот човек.

Франц Ксавер Крец, автор на делото, важи за еден од најзначајните живи драмски писатели од германското говорно подрачје. Неговото творештво ги опфаќа драмата, поезијата, прозата, како и режијата и актерството. Најголемата афирмација ја постигнува во 70-тите и 80-тите години на 20 век, кога неговите текстови истовремено се изведуваат во десетици театри низ Европа и светот.

„Страв и надеж“ е напишана во 1984 година и се смета за едно од неговите најзначајни дела. Насловот директно реферира на Брехтовата „Страв и беда на Третиот Рајх“, но овде фокусот е префрлен на современиот контекст од неолибералниот период до денешните последици што сè појасно се чувствуваат во секојдневниот живот.

Претставата се занимава со прашања на идентитет, општествена нееднаквост, миграции, војни и распаѓање на човечките односи под притисок на системот. Интимното и социјалното постојано се преплетуваат, при што приватниот живот станува огледало на глобалните кризи.

Со прецизен, често суров, но и иронично набиен јазик, режијата на Ригонат создава сценско дело кое функционира како психолошка и социолошка студија на современиот човек.

Во центарот остануваат клучните дилеми: како да се живее во услови на постојана неизвесност, каде завршува достоинството кога опстанокот станува приоритет и дали човекот воопшто има избор или само го преживува сопствениот живот.

CATEGORIES
Share This