СИНДИКАТОТ ОБВИНУВА ЗА КОНТРОЛА ВРЗ ФАКУЛТЕТИТЕ – Владата тврди дека Законот за високото образованите носи напредок
Владата уверува дека реформите се за подобар квалитет, но, без договор по средбата МОН-НАкС

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека на средбата одржана на 17 април со министерката за образование и наука Весна Јаневска и претставници на МОН, не бил постигнат договор околу поголемиот дел од нивните предлози за пакетот закони за високо образование, научноистражувачка дејност и обезбедување квалитет.
Од НАкС наведуваат дека, и покрај аргументираната дискусија, министерството прифатило само делумни измени, поврзани со дефинирање на научните бази во областа на јазиците и книжевноста.
Синдикатот посочува дека главните забелешки се однесуваат на загрозување на универзитетската автономија, распределбата на надлежности меѓу државата и независните тела, условите за избор во наставно-научни звања, како и финансирањето на науката и високото образование.
НАкС предупредува дека предложените решенија отвораат можност за зголемено влијание на извршната власт врз универзитетите, особено преку новите тела кои би имале надзорни и одлучувачки функции за развојот и финансирањето на институциите.
Според синдикатот, не се гарантира стабилно и предвидливо финансирање на научноистражувачката дејност, што може да ги отежни условите за работа на универзитетите.
Тие реагираат и на тоа што вработувањата на универзитетите и понатаму ќе зависат од согласности од МОН и Министерството за финансии, што го сметаат за директно ограничување на кадровската автономија.
НАкС смета дека новите услови за избор во звања се нереални и не се усогласени со различните научни области. Посебно проблематичен е, според нив, воведувањето на h-индексот како критериум, кој не е практика во повеќе земји од регионот.
Тие предупредуваат дека ваквите критериуми, без соодветни услови за работа и финансирање, може да доведат до одлив на млад кадар од универзитетите.
Дополнителни реакции доаѓаат и од други организации, кои оценуваат дека студентите остануваат маргинализирани, а учеството на студентските претставници во новите тела е минимално.
Се изнесуваат и критики дека дел од предложените решенија не обезбедуваат реална автономија и квалитет, туку формално ги променуваат институционалните структури.
Од Владата и МОН, пак, се истакнува дека новата законска рамка ќе го унапреди квалитетот на високото образование, ќе воведе подобро финансирање и ќе создаде услови за задржување на младите во земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека критиките доаѓаат од дел од академската заедница која не сака промени и постави прашања за продуктивноста на дел од професорите.
