РАДЕВ ГИ ЗБРИША ПРОТИВНИЦИТЕ НА ИЗБОРИ – Освои повеќе од половина парламент
Опозицијата поделена, дел од партиите едвај го поминаа изборниот праг.

Партијата „Прогресивна Бугарија“, поврзана со поранешниот претседател Румен Радев, оствари убедлива победа на парламентарните избори во Бугарија, покажуваат прелиминарните резултати. Според нив, партијата освои повеќе од 120 од вкупно 240 пратенички места, обезбедувајќи мнозинство во парламентот.
Со освоени 44,4 проценти од гласовите, „Прогресивна Бугарија“ е убедливо прва политичка сила. Според податоците на агенцијата Мјара, базирани на 65 проценти обработен примерок, уште три партии се очекува да влезат во парламентот.
На второто место се најде коалицијата ГЕРБ-СДС, предводена од Бојко Борисов, со 11,8 проценти од гласовите. Веднаш зад неа е „Континуирани промени – Демократска Бугарија“ со 11 проценти.
Движење за права и слободи (ДПС) освои 8,4 проценти, додека партијата Вазраждане доби 4,1 процент, што според првичните проценки е доволно за влез во парламентот.
Неколку партии останаа под изборниот праг од четири проценти, меѓу кои и Бугарска социјалистичка партија (БСП), која како дел од коалицијата „БСП-Обединета левица“ освои 3,1 процент од гласовите.
Опцијата „Ниту еден од понудените“ доби 1,8 проценти, додека излезноста на гласачите беше проценета на 46,2 проценти.
Гласањето се одвиваше од 7:00 до 20:00 часот по локално време, во рамки на седмите вонредни парламентарни избори во Бугарија од 2021 година наваму.
