ИКОНА КОЈА ОБЕДИНИ ИЛЈАДНИЦИ – Свечена литија во Струмица

Божествена литургија во манастирот „Свети 15 Тивериополски маченици“ ја отвори манифестацијата.

ИКОНА КОЈА ОБЕДИНИ ИЛЈАДНИЦИ – Свечена литија во Струмица
Фото: Принтскрин

Неколку илјади граѓани од Струмица и од различни делови на државата се собраа да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Брзопослушница.

Струмичката епархија по деветти пат ја организираше свечената литија со иконата, која традиционално се изнесува во првата недела по Велигден.

Претходно беше отслужена Божествена литургија во манастирот „Свети 15 Тивериополски маченици“, каде што иконата се чува. Потоа следуваше литија низ градските улици, во која иконата беше носена на раце од верници, а поворката ја предводеше свештенството. Граѓаните во тивка молитва оддаваа почит по должината на трасата.

Централниот дел од настанот се одржа на плоштадот „Гоце Делчев“, каде беше отслужен молебен.

Од Струмичката епархија истакнуваат дека оваа традиција, која трае речиси една деценија, прераснала во симбол на духовно обединување на верниците. Иконата на Богородица Брзопослушница, подарок од светогорскиот манастир Дохијар, останува духовна поддршка и место каде илјадници луѓе секојдневно наоѓаат утеха и надеж.

CATEGORIES
Share This