ЗОШТО КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ ИЗЛЕГОА НА УЛИЦА – Вистината зад колективниот договор

Спор околу колективниот договор и согласноста од Министерството за финансии.

ЗОШТО КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ ИЗЛЕГОА НА УЛИЦА – Вистината зад колективниот договор
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Колективниот договор во културата бил усвоен без позитивно мислење од Министерството за финансии, нагласувајќи дека за еден ваков договор да биде применлив е неопходна претходна согласност од МФ. Според него, во овој случај таа согласност недостасувала.

Тој додаде дека јавноста и дел од културните работници се „манипулирани од мала група гласни поединци“, посочувајќи дека државата мора да функционира врз основа на правила и почитување на законите.

Мицкоски истакна дека на владината седница на 31 декември, кога бил донесен договорот, не постоело позитивно мислење од Министерството за финансии, а дури и тогашната министерка, според него, дала негативно мислење поради недостиг на обезбедени средства во буџетот.

Тој нагласи дека буџетот за култура не се намалува, туку дека поголем дел од средствата треба да се насочат кон проекти, програми и капитални инвестиции, наместо само кон плати.

„Не може институциите да потпишуваат колективни договори без обезбедени средства. Треба да има ред“, порача премиерот.

Тој додава дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат дури и кога не се популарни.

Во својата изјава, Мицкоски посочи и примери за, како што рече, нерационалности во системот, вклучително и разлики во платите и недоволна продуктивност во дел од културните институции, потенцирајќи дека е потребно „доведување на работите во ред“.

Во меѓувреме, Синдикатот за култура на Македонија реагираше со протест пред Министерството за култура и туризам, порачувајќи дека не бара нови права, туку почитување на веќе договорените обврски.

CATEGORIES
Share This