ОД РУИНИ ДО ТУРИСТИЧКИ МАГНЕТ – Планот што може да го „оживее“ Стоби
Стоби добива нова инвестициона и туристичка стратегија со поддршка од државата и странски донатори.

Археолошкиот локалитет Стоби, еден од најзначајните антички комплекси во регионот, добива нова поддршка за развој и туристичка промоција со цел да стане атрактивна станица за патниците што минуваат низ коридорот Е-75.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков по средбата со странски донатори истакна дека идејата е Стоби да се претвори во место каде посетителите ќе застануваат, ќе се запознаваат со македонското културно наследство и ќе го почувствуваат духот на античкиот свет.
Локалитетот, кој се наоѓа околу 100 километри јужно од Скопје, кај устието на Црна Река во Вардар, веќе е во фокусот на повеќе меѓународни организации. Во изминатите години се реализирани значајни донации за конзервација на Теодосијанската палата и други делови од градот.
Американскиот „Џ. М. Каплан фонд“ обезбеди околу 400.000 долари за изработка на генерален конзерваторски план и за реставрација на мозаиците и архитектонските остатоци од палатата. Дополнително, Американскиот институт за римска култура поддржа нови активности со грант од 100.000 долари, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“.
Министерството за култура и туризам годинава издвојува над 10 милиони денари за различни проекти во Стоби, од археолошки истражувања и конзервација до опрема и уредување на локалитетот. Посебно значаен проект е адаптацијата на старата железничка станица во современ центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември.
Според Љутков, Стоби не е само археолошки локалитет, туку и стратешка точка за развој на транзитен туризам, поради неговата близина до автопатот и големиот проток на патници.
На локалитетот се планираат и нови работи на Театарот, „библиотеката“, северозападниот бедем и други делови од античкиот град, а истовремено продолжува и тековното одржување и уредување на просторот.
Директорката на НУ Стоби, д-р Силвана Блажевска, најави дека работите годинава ќе се фокусираат на најзначајните објекти и дека археолошките истражувања ќе продолжат во зависност од временските услови.
Стоби, чија историја датира уште од 2 век п.н.е., денес е единствен археолошки локалитет во земјата кој функционира како самостојна институција. Во минатото бил значаен урбан центар со театар, базилики, бањи, улици, работилници и богата инфраструктура, а денес претставува жив музеј на отворено.
Локалитетот годишно го посетуваат десетици илјади туристи, најмногу од САД и Европа, а најголем интерес привлекуваат театарот, мозаици, палатите и религиозните објекти.
Со новите инвестиции и меѓународна соработка, Стоби се позиционира како едно од клучните културно-туристички места во Македонија, со цел да стане задолжителна станица за секој патник што минува низ земјата.
