ПЛАТИ ДВОЈНО ПОВИСОКИ, РЕЗУЛТАТИ НЕМА – Еве што порача премиерот
Универзитетите бележат пад на меѓународните ранг-листи.

Премиерот Христијан Мицкоски остро ги критикуваше состојбите во високото образование, оценувајќи дека дел од универзитетските професори бараат високи плати без соодветен научен ангажман. Тој истакна дека од донесувањето на Законот за високо образование во 2018 година, македонските универзитети бележат пад или исчезнување од меѓународните ранг-листи.
Според него, тврдењата дека новиот закон ја нарушува автономијата на универзитетите се неосновани и доаѓаат од, како што рече, политички мотивирани критичари кои се противат на построгите критериуми за напредување во академските звања. Мицкоски додаде дека ректорите на државните универзитети дале поддршка за предложените законски измени.
Тој посочи дека Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, како најстар и најреномиран во земјата, значително паднал на Шангајската листа, потенцирајќи дека е недозволиво професорите да имаат минимални работни обврски, а да не продуцираат научни трудови. Владата, како што рече, веќе ги зголемила нивните плати и обезбедила бесплатен пристап до реномирани научни бази како Web of Science и Scopus, но очекува конкретни резултати.
Во меѓувреме, министерката за образование Весна Јаневска информираше дека новиот закон за високо образование е финализиран по консултации со академската заедница и ќе влезе во владина процедура. Таа нагласи дека биле прифатени одредени сугестии, особено од уметничките факултети, со цел да се подобри текстот на законот пред неговото усвојување.
