АВИОНСКИ ХАОС ВО ГЕРМАНИЈА: 1.800 летови откажани

Пилотски штрајк ја блокира Луфтханза втор ден по ред.

АВИОНСКИ ХАОС ВО ГЕРМАНИЈА: 1.800 летови откажани
Фото: Принтскрин

Стотици летови во Германија беа откажани во вторник, откако пилотите на Луфтханза продолжија со штрајкот втор ден по ред поради несогласувања околу платите и пензиските услови, пренесува ДПА.

Во штрајкот учествуваат пилотите на матичната авиокомпанија, како и на „Луфтханза Карго“ и „Луфтханза СитиЛајн“. Акцијата започна на полноќ во понеделник.

Според податоците, повеќе од 1.100 полетувања и слетувања биле откажани во Франкфурт кој е главниот центар на компанијата и најголем аеродром во Германија, во текот на понеделник и вторник. Во Минхен, пак, биле откажани околу 710 летови.

Штрајкот, организиран од синдикатот VC, се однесува на спор околу платите, пензискиот систем и бенефициите, особено во регионалната подружница „СитиЛајн“.

Во исто време, пилотите на „Еуровингс“ продолжуваат да работат нормално во вторник.

Паралелно, кабинскиот персонал на „Луфтханза“ е повикан на штрајк во среда и четврток.

Директорот за човечки ресурси на „Луфтханза“, Михаел Нигеман, изјави дека континуираните штрајкови ја ослабуваат компанијата и апелираше до синдикатите да избегнуваат конфронтациски пристап.

CATEGORIES
Share This