АВИОНСКИ ХАОС ВО ГЕРМАНИЈА: 1.800 летови откажани
Пилотски штрајк ја блокира Луфтханза втор ден по ред.

Стотици летови во Германија беа откажани во вторник, откако пилотите на Луфтханза продолжија со штрајкот втор ден по ред поради несогласувања околу платите и пензиските услови, пренесува ДПА.
Во штрајкот учествуваат пилотите на матичната авиокомпанија, како и на „Луфтханза Карго“ и „Луфтханза СитиЛајн“. Акцијата започна на полноќ во понеделник.
Според податоците, повеќе од 1.100 полетувања и слетувања биле откажани во Франкфурт кој е главниот центар на компанијата и најголем аеродром во Германија, во текот на понеделник и вторник. Во Минхен, пак, биле откажани околу 710 летови.
Штрајкот, организиран од синдикатот VC, се однесува на спор околу платите, пензискиот систем и бенефициите, особено во регионалната подружница „СитиЛајн“.
Во исто време, пилотите на „Еуровингс“ продолжуваат да работат нормално во вторник.
Паралелно, кабинскиот персонал на „Луфтханза“ е повикан на штрајк во среда и четврток.
Директорот за човечки ресурси на „Луфтханза“, Михаел Нигеман, изјави дека континуираните штрајкови ја ослабуваат компанијата и апелираше до синдикатите да избегнуваат конфронтациски пристап.
