МЕЃУНАРОДЕН КРИМИНАЛЕЦ – Маѓар директно го посочи Груевски и најави негово протерување
Новата власт во Унгарија најавува крај на политичките засолништа и можна екстрадиција на бегалци од правдата.

Многу луѓе стравуваат какви последици ќе донесе триумфалната победа на Петер Маѓар и неговата партија Тиса на изборите во Унгарија. Загриженоста се чувствува и кај оние кои беа дел од 16-годишниот систем на владеење на Виктор Орбан, но и кај лица кои таму нашле политичко засолниште. Меѓу нив се и поранешни функционери од Полска, како и екс-премиерот на Македонија, Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Будимпешта и доби азил.
На тричасовна конференција, Маѓар директно ги спомена поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, неговиот заменик Марчин Романовски, како и Груевски. Двајцата полски функционери се соочуваат со обвиненија за сериозни злоупотреби на функцијата во својата земја.
Говорејќи за нив, Маѓар направи паралела со случајот на Груевски, нагласувајќи дека Унгарија не треба да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал.
„Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Тоа важи и за г-дин Никола Груевски. Очекуваме и другите европски земји да постапуваат исто и да ги екстрадираат лицата кои бегаат од правдата. Доколку Зиобро и Романовски немаат што да кријат, треба да се вратат во Полска и да се соочат со правосудниот систем“, изјави Маѓар.
Тој додава дека доколку се уште се во Унгарија, ќе се бара начин за нивна екстрадиција.
Во меѓувреме, владата во Полска предводена од Доналд Туск веќе побара испорачување на Зиобро и Романовски од Будимпешта за да им се суди. Македонските власти претходно исто така бараа екстрадиција на Груевски, но засега нема информации дали актуелната влада повторно поднела такво барање.
По изјавите на Маѓар, реагираше и СДСМ, која ја поздрави најавата за поостар пристап кон лицата кои бегаат од правдата.
„Новата унгарска власт повеќе нема да биде засолниште за бегалци од правдата. Ова претставува крај на периодот во кој Будимпешта беше сигурно прибежиште за осудени функционери. Судските пресуди мора да се спроведат, а правдата не смее да има рок на траење“, соопштија од партијата.
Од таму додаваат дека очекуваат Груевски конечно да се соочи со изречената казна во Македонија, оценувајќи дека граѓаните предолго го чекале тој исход.
