АПЕЛАЦИЈА ЈА ОТВОРА НАЈТЕШКАТА ПОСТАПКА – Жалбите за убиствата на Вања и Панче на разгледување, Видевски хоспитализиран на Нефрологија
Јавна седница по жалбите на одбраната и обвинителството за првостепената пресуда.

Апелациониот суд во Скопје денеска ќе расправа на јавна седница по жалбите поднесени за првостепената пресуда во случајот со грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Со таа пресуда, обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор.
Постапката е во втор степен, откако жалби поднесоа и одбраната и Основното јавно обвинителство. Обвинителството го оспорува делот од пресудата со кој беше ослободен таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и одлуката поврзана со второто кривично дело.
Претходно, на 25 јуни 2025 година, Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи четворицата обвинети за виновни за грабнување и свирепо убиство и им изрече доживотен затвор, додека Александар Ѓорчевски беше ослободен поради недостаток на докази.
Според обвинението, групата го испланирала киднапирањето на Вања со намера да изнуди откуп од нејзиното семејство. Во исто време, Панче Жежовски бил грабнат за да биде принуден да го предаде своето возило, кое требало да се искористи за извршување на киднапирањето во Скопје.
Двете жртви беа пријавени за исчезнати кон крајот на ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во околината на Скопје и Велес.
Боре Видевски, еден од осудените вчера е хоспитализиран и се наоѓа во тешка здравствена состојба. Ова го потврди директорот на Клиниката за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски.
Според достапните информации, Видевски е примен на Клиниката за нефрологија поради здравствени компликации, има трансплантиран бубрег, а неговата состојба засега е стабилна. Поради новонастанатата ситуација можно е одложување на денешната јавна седница во Апелациониот суд Скопје.
