ДУБАИ НА КОЛЕНА – Туризмот се распаѓа, рестораните празни
Пополнетоста падна на 15% и сценарио полошо и од ковид-кризата

Дубаи, еден од најпосетуваните градови во светот со 19,59 милиони меѓународни туристи минатата година, се соочува со драматичен пад на туризмот поради војната меѓу САД, Израел и Иран, пренесува Би-Би-Си.
Градот кој до неодамна беше симбол на луксуз и динамичен ноќен живот, сега се соочува со празни ресторани и полупразни хотели.
Угостителскиот сектор е меѓу најпогодените. Наташа Сидерис, основачка на ресторанскиот бренд „Ташас“, вели дека приходите во нејзините локали паднале за повеќе од 50 проценти, додека оние што зависат од туристи бележат пад и до 80 проценти.
Поради кризата, таа била принудена да ги намали платите за 30 проценти наместо да отпушти дел од персоналот.
„Ситуацијата е брутална. Избрав да спасам работни места, но не знам до кога ќе можеме да издржиме“, вели Сидерис.
Други угостители се соочуваат со уште потешки последици и посетеноста паднала на само 15 до 20 проценти, а многу ресторани веќе затвораат или работат со минимален персонал.
Кризата не ги поштеди ниту хотелите, туристичките агенции и авиокомпаниите. Конфликтот, кој започна на 28 февруари, сериозно го наруши воздушниот сообраќај во регионот.
Илјадници летови беа откажани, а десетици илјади патници останаа блокирани пред да бидат евакуирани. Дубаи, кој има еден од најпрометните аеродроми во светот со над 95 милиони патници годишно, сега функционира со намален обем.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати се соочија со повеќе напади, при што беа лансирани над 2.400 ракети и дронови кон цивилни и инфраструктурни цели.
Пополнетоста на хотелите падна на само 15-20 проценти од вообичаеното ниво. Во обид да привлечат гости, хотелите драстично ги намалија цените и во некои луксузни комплекси и до 50 проценти.
Дел од хотелите привремено затвораат, додека други работат со минимални капацитети. Особено погодени се деловните хотели, бидејќи бројни конференции и настани се откажани или одложени.
Мигрантските работници, кои ја сочинуваат основата на туристичкиот сектор, се меѓу најранливите. Многумина се испратени на неплатен одмор или им се намалени работните часови.
„Се чувствуваме како во времето на ковид. Се плашиме дека повторно ќе ги изгубиме работните места“, вели еден вработен во луксузен ресторан.
Проценките покажуваат дека Блискиот Исток може да изгуби до 38 милиони туристи оваа година, со финансиски загуби до 56 милијарди долари.
Владата на Дубаи најави пакет помош вреден 272 милиони долари, со мерки за олеснување на трошоците за бизнисите и стимулирање на закрепнувањето.
Сепак, иднината останува неизвесна. Доколку конфликтот заврши наскоро, можно е закрепнување до есен. Но, ако кризата продолжи, секторот се соочува со нов бран отпуштања и затворања.
„Имаме ресурси за уште неколку месеци. Потоа ќе мора да донесеме тешки одлуки“, предупредува Сидерис.
