ДВЕ ПРЕТСТАВКИ ЗА ЕДНА СУДИЈКА – Дали оваа судијка работела незаконски
Обвинувања за игнорирање докази и ограничување на правото на одбрана.

Во текот на 2025 година, до Судскиот совет биле поднесени вкупно 90 барања за утврдување одговорност на судии. Од нив, 64 биле отфрлени како ненавремени, нецелосни или неосновани, 15 постапки биле запрени, додека за 11 случаи постапката сè уште е во тек.
Истовремено, во текот на истата година биле поднесени дури 425 претставки за работата на судовите, судиите и претседателите на судовите.
Во 2026 година, пак, вниманието го привлекува случајот со судијката од Основниот граѓански суд Скопје, Бисера Стефковска Митиќ, против која во краток временски период биле поднесени две одделни претставки од различни субјекти. И во двата случаи, се бара утврдување на одговорност поради наводно нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Првата претставка е поднесена во март 2026 година од компанијата „МКМ Експрес“. Таа се однесува на постапување на судијката во предмет во кој било донесено решение за привремена мерка за обезбедување средства во износ од 1,5 милиони евра.
Според подносителот, реалниот долг изнесувал 467 илјади евра и сè уште не бил доспеан, додека за дополнителната побарана штета од над 1,1 милион евра немало спроведено вештачење.
Компанијата тврди дека судијката постапувала пристрасно, не овозможила соодветно учество на тужениот во постапката, како и дека донела одлука без да ги земе предвид сите релевантни факти и докази.
Судијката Стефковска Митиќ ги отфрла обвинувањата и наведува дека судот постапувал согласно законските процедури. Таа објаснува дека тужбата била доставувана на регистрираната адреса на тужениот, но по неуспешни обиди, била објавена на огласна табла, како што предвидува Законот за парнична постапка.
Дополнително, нагласува дека решението за привремената мерка не е правосилно и дека странките имаат право на жалба.
Втората претставка е поднесена во февруари 2026 година од компанијата „Настел“. Таа се однесува на пресуда донесена во декември 2025 година во предмет поврзан со утврдување ништовност на договор за хипотека на недвижен имот во Скопје.
Подносителот тврди дека пресудата е незаконита и дека со неа се нанесува штета на доверителите, но и на државата, која има побарувања во постапката. Според нив, доколку договорот за хипотека се поништи, би се овозможило намирување на доверителите од стечајната маса.
Во претставката се наведуваат и сомнежи за сериозна корупција, со најава за поднесување кривични пријави до надлежните институции.
Од Судскиот совет информираат дека наводите од двете претставки се предмет на разгледување, но посочуваат дека истите прашања се веќе во постапка пред повисок суд.
Во 2025 година, по правосилна постапка, бил разрешен само еден судија.
Според законската рамка, судија може да биде разрешен поради потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Во такви случаи, Комисија поднесува извештај до Судскиот совет, кој носи конечна одлука, дали постапката ќе биде запрена или ќе следи разрешување.
